По 14-ти пат, традиционално, во организација на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот, 500 деца се дружеа на свечен Божиќен Ручек и го славеа Христовото раѓање. По 14-ти пат на оваа прослава Детската Амбасада за Сите Деца во Светот се додели најпрестижното признание за општествена одговорност ОРДЕН ЗА НОСИТЕЛ НА МИРОТ. Оваа година, ова меѓународно признание го доделија на Акционерско друштво за производство на лекови, медицинска опрема и материјал, промет и услуги, д-р Пановски од Скопје.

Оваа година гости беа традиционално петстотини деца од целата територија на нашата држава на заедничка трпеза и го прославија Божиќ, денот на Христовото раѓање и на таа заедничка трпеза седнаа деца од различни целни групи, како и истакнати деца – членови на Детската Амбасада. Децата беа од Прилеп, од Скопје, Битола, Тетово, Крушево, Демир Капија, Струмица и од другите градови и општини ширум државава. Како и секоја година нивната порака во рамките на нивното мото „Едно небо за сите деца”, а тоа значи децата да се почитуваат помeѓу себе, да нема дискриминација и насилна комуникација, да преовладува толеранцијата, и сите ние заеднички да придонесуваме кон градење на нашето општество. Бидејќи децата се нашата иднина.

Вредностите кои се промовираат со самиот настан се: еднаквоста, љубовта и мирот помеѓу децата. Тоа пак води до нивниот постулат на програмските задачи на Детската Амбасада дека сите деца се исти и еднакви во остварувањето на нивните права, односно дека ништо не е позначајно од среќата на детското лице, па затоа на оваа Божиќна трпеза заедно се дружат деца од другите верски заедници, од исламската, католичката, еврејската и евангелско-методистичката. Божиќниот Ручек го благословува Неговото Високо Преоствештенство, Митрополитот Преспанско-Пелагониски и Администратор Австралиски и Новозеландски, Господин Петар, а на сите деца им се доделија пакетчиња за слатки сеќавања на Божиќниот Ручек, за кои се погрижи Градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски. Како и минатата година, така и оваа за збогатување на свеченоста се погрижија од танц студио „Зодијак” од Прилеп.

На оваа свечена манифестација за прв пат забавниот дел беше збогатен и од малите ангелчиња Илина и Јована Николовски од Скопје, a како и секој Божиќ, за уште повесела забава на овој Божиќен Ручек, настапи македонскиот идол Христијан Тодороски.

Им доделија благодарници на оние кои го помогнаа овој настан. Тера телевизија и оваа година беше една од медиумските покровители.