Владата ја доби првата тужба поради спречување на правото на здрава животна средина поднесено од Македонското здружение на млади правници. „Во јули 2019 година поради континуираното аерозагадување е поднесена тужба пред Граѓанскиот суд во Скопје против Владата на РСМ, Министерството за животна средина и Град Скопје. Станува збор за утврдување на повреда на правото на здрава животна средина, правото на здравје, право на приватност на личен и семеен живот и неповредливоста на домот и преземање на мерки“, објаснуваат од ова Здружение.
Тужбата за повреда на правото на здравје, правото на здрава животна средина, право на приватност, на личниот, семејниот живот и правото на неповредливоста на домот се однесува на периодот од 2007 до 2018 година.
Здружението смета дека не се преземени неопходни мерки и активности согласно законските должности за справување со аерозагадувањето и редуцирање на PM 10 честичките во амбиентиот воздух, но и дека од 2013 до 2018 не се преземени неопходни мерки за да не се надминат гранични вредности на PM 2.5 честичките.