По неколкуте земјотреси во регионот, кои се почувствуваа речиси на целата територија на Македонија, добро е да се потсетиме на најосновните правила за заштита.

Колку и да звучи чудно, добро е секое семејство да има стратегија за вакви неприлики, на пример да одреди една безбедна соба во домот, во која нема висечки лустери и полици кои не се фиксирани за ѕидовите. Добро би било да имате и план за евентуална евакуација. За секој случај, треба да имате и опрема за прва помош, резерви на храна во конзерва и нови батерии, во случај да ви требаат за батериските ламби.

За време на земјотресот:

Останете дома додека потресот да запре. Бидете што подалеку од прозорците, бидејќи може да се случи да пукне стакло. Ако сте во кревет, заштитете ја главата со перница.

Ако сте надвор кога тресе, бидете на колку што може поотворен простор, доколку тоа е можно.

Ако сте во автомобил, останете внатре додека тресењето да запре.

Во никој случај не влегувајте во лифт. Најдобро е да се движите по скалите, бидејќи најчесто се зацврстени на носечка потпора на градбата.

Доколку се случи да сте во кино, театар, трговски центар или сличен објект, обидете се без паника да се упатите кон излезот. И во овие случаи можете да очекувате афтершокови.

По земјотресот:

Проверете дали има повредени околу вас. Бидете внимателни и исклучете ги сите домашни апарати кои работат на плин или кои се потенцијално запаливи и експлозивни при тресење.

Секогаш, ама баш секогаш, очекувајте да има и „афтершокови“, односно помали потреси. Исто така, секогаш постои и ризик за повторно да има земјотрес.

Никогаш немојте:

-Да трчате низ целиот дом додека тресе. Доколку земјотресот е со поголема јачина може да паднете и да се повредите или да ве удри некој од предметите дома.

-Да стоите на прагот. Ова е еден од најчестите митови, а реалноста е дека лесно може да се откачи парче од касата на вратата и да ве повреди.

-Да стоите покрај полици или плакари кои не се зацврстени на ѕидот. Никако не помислувајте да се скриете во плакар. Најдобро е да бидете под масата или бирото.