Две недели по протестот на повеќе илјади граѓани против загадувањето, наречен „Марш за чист воздух“ одржан на 29 ноември, владата реализираше само едно од седумте прелиминарни барања кои организаторите на протестот ги поставија како предуслов за средба со Владата, велат од „Зелениот фронт“.
Тие не се задоволни од тоа со каква сериозност владата и приоѓа на реализацијата на ветените седум барања и покрај тоа што и беше оставен подолг рок од првобитните пет работни дена, па најавија нов протест за следниот петок, 20 декември.
Од „Зелениот фронт“ велат дека владата досега само ја стопираше процедурата на усогласување на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културно наследство, заштита од природни и други непогоди, комунална хигиена со законот за прекршоци, според кој казните треба да се намалат до 75%.
Повикувајќи ги граѓанските здруженија обединети во „Зелениот фронт“ на преговори, владата минатата недела најави дека ги прифати и ќе ги реализира сите нивни седум ургентни барања.
Предлог измените и дополнувањата на Законот за животна средина за контаминирани подрачја од ноември 2018, исто така едно од седумте барања, владата најави дека ќе ги разгледува на седницата во среда, но иако седницата помина, во соопштението на официјалната веб-страна на владата не се кажува дали оваа точка била разгледувана и нема информација дали се усвоени.
„Владата во својот одговор минатата недела извести дека ДУП СИ 09 Гази Баба за Вардариште ќе се донесе до крајот на годинава, но она што ќе се донесе е само блок 1 од овој ДУП, другите два блока не се ни започнати. Она што баравме е да се наложи итно носење на овој ДУП за црната точка во Скопје – Вардариште, не само на еден блок“, велат од „Зелениот фронт“.
Од таму исто така забележуват дека во однос на прифатеното барање Јавното обвинителство да отвори истрага за ОХИС во стечај, владата која располага со сите доказни материјали или некој друг државен орган, не ги поднесе до ЈО да се отвори истрага и нема информација што ќе се случува понатаму.
Оттаму останува повикот за нов протест закажан за 20-ти декември.