Добар дел од работодавачите го злоупотребуваат колективниот договор во делот на исплата на регресот за годишен одмор, познат како К-15, обвинува Организацијата на работодавачи. Многу невешто, дел од газдите се обидувале да ја избегнат исплатата на К-15 наложувајќи им на работниците да потпишат дека се согласуваат да добијат намален износ. Тоа што не е прецизирано што значи „економски потешкотии“ на фирмата и која е минималната сума за исплата, им дозволува на работодавачите за К-15 да исплаќаат и до само 100 денари по вработен.
„Не може работодавачот со своја одлука да именува претставник на работниците и со него да склучи договор за исплата на помал износ на К-15. Онаму каде што има синдикат се знае тоа, синдикатот се консултира со гранскиот синдикат, но онаму каде што нема синдикат мора да има состанок со сите работници кој ќе биде јавен и транспарентен и сумата ќе ја изберат со записник, а не по одлука на работодавачот“, рече Ангел Димитров Организација на работодавачи.
Засега обврска за исплата на регрес за годишен одмор имаат само работодавачите од приватниот сектор. Но, од синдикатот УПОЗ, за Алсат велат дека се многу блиску до договор со власта за договор за К-15 и за вработените во администрацијата. Станува збор за околу 12 илјади службеници.
„Нашето барање е исто како и во приватниот сектор, нема да биде големо оптоварување со оглед на тоа што регресот ќе изнесува 40 отсто од просечната плата во Македонија“, изјави Пецо Грујовски претседател на УПОЗ.
Според колективниот договор, работодавачите имаат обврска да исплатат 40 отсто од просечната нето плата или годинава тоа е минимално 9.600, a максимално 14 илјади денари. Надлежните апелираат вработените да се охрабрат и да ги пријавуваат газдите кои ќе им ги бараат да ги вратат парите. Оние пак, кои нема да исплатат К-15 се соочуваат со парична казна до 4.000 евра, а предвидена е и казна затвор до 1 година.