Власта во заминување го празни буџетот и прави ненадоместливи штети. Договорот на Зоран Заев и Драги Рашковски со новоформираната фирма „САРХЕМС“ ќе ги чини граѓаните 72 милиони евра, а нема да биде без никакви трошоци, како што лажеа. Ова е барање од компанијата до Владата за носење на соодветна уредба со која што ќе се пропише регулатива за утврдување и овозможување на прибирање на надоместокот од столбовите за финансирање предвидени во договорот за јавно приватно партнерство. Барањето е потпишано лично од партнерот на Заев и Рашковски, Саша Џаковиќ и испратено до владата на 17-ти декември. Освен на спорниот договор, партнерот на Заев и Рашковски се повикува и на одредби од Законот за јавни патишта со што се потврдува сомнежот кој во повеќе наврати го искажавме дека еден од начините на финансирање е можно да биде и преку наплатата на патарините. Во второто барање адресирано до владата, Саша Џаковиќ го моли Заев да обезбеди локација за сместување на хеликоптерите и неговиот персонал. Уште една работа на која што укажувавме кога велевме дека физибилити студијата предвидува и директен трошок од државата со оглед на фактот што компанијата сака да и се даде на користење објекти, инфраструктура и опрема на Центарот за обука на пилоти. Повторно ќе напоменам дека во самиот Центар досега се инвестирани 10-тина милиони евра, ова денеска преку прес-конференција го истакна Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.
-Третото барање испратено до владата во истиот ден се однесува на молба до Заев и Рашковски да овозможат склучување на меморандуми за соработка со државните институции и тоа министерството за одбрана, министерството за внатрешни работи и за министерството за здравство, М-НАВ, ЦУК и АЦВ, Дирекцијата за заштита и спасување и другите државни институции засегнати со овој проект. Приватната компанија меѓу другото очекува со овие меморандуми да се регулира и упатување на персонал од составот на наведените институции на должност кај приватниот партнер. Веќе предупредувавме дека скандалозниот договор на Заев и Рашковски предвидува ангажман на персонал од МВР и АРМ за приватниот партнер со што се доведува во прашање оперативноста на службите, но и се наметнува прашањето околу плаќањето на персоналот, а и самата потреба со оглед на фактот што МВР веќе извршува и овој тип на мисии. На сите три барања, приватниот партнер очекува да им биде позитивно одговорено, а сето тоа да биде сторено во координација со нив, вели Јанушев.
Тој прашува доколку ова не е сомнителен и коруптивен договор, тогаш што е?
-Доколку ова не е криминал на власта во заминување, тогаш што треба да направат за Јавното обвинителство да се освести и да преземе мерки? Го кријат договорот и неговите анекси како што змијата ги крие нозете, но повторно се фатени живи. Безмилосно земаат се што можат пред да ја напуштат власта. Избегнуваат да одговорат што добиваат граѓаните за 72 милиони евра, колку летови се вкалкулирани, колку чини час лет и кој ќе плаќа откако ќе се надмине бројот на прелети!? Бараме итно да се отвори истрага пред да се направат дополнителни обврски и штети за Република Македонија, одговорност за ваквото расипничко однесување ќе има по 12-ти април, рече Јанушев.