Комисијата за здарвство на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на Меѓународниот ден на трудот 1-ви Мај, во објава на својата фејсбук страна прашува што е со дадените нереализирани ветувања на здравствените власти и Владата кон медицинскиот персонал? Води ли некој грижа за овој дефицитарен кадар, што е преземено и што се презема за унапредување на статусот на здравствените работници?

Во продолжение ја пренесуваме фејсбук објавата во целост:

– Одбележуваме точно 7 месеци, откако 7 пати триумфално се најави постигнување на договор за платите на здравствените работници, што не е реализирано ниту денес. Игнорантски однос и пазарења со хероите на пандемијата иако “договореното” меѓу Синдикатите и надлежните институции воопшто не соодветствува со реалните барања на медицинскиот персонал!

Ставот на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ и пред еден месец и денес е дека постојниот анекс на договорот е понижувачки и потценувачки и не кореспондира со барањата на здравствените работници.

Продолжуваме внимателно да ги следиме сите информации кои пристигнуваат до нас од нашите колеги за притисоци, закани и мобинг со кои се соочуваат во неколку јавни здравствени установи во однос на искажувањето незадоволство од нереализираните ветувања и најостро ги осудуваме, а токму ова е и една од причините за масовното заминување на кадар во јавното здравство, штета која ќе се одрази врз целиот здравствен систем на долг рок, се вели во нивната објава.