Извршниот директор на компанијата „Модерна“, Стефан Бансел верува дека пандемијата на коронавирус ќе заврши за една година, бидејќи зголеменото производство на вакцини обезбедува глобални резерви. Во изјавата дадена за швајцарски весник, Бансел вели:

– Ако го погледнете проширувањето на производствениот капацитет во индустријата во текот на последните шест месеци, до средината на следната година треба да има доволно дози за да може да се вакцинираат сите на овој свет. Бустер дозите исто така треба да се земат в предвид до одреден степен. Вакцинацијата наскоро ќе биде можна дури и за новороденчиња, вели директорот на „Модерна“.

– Оние кои не се вакцинираат ќе бидат имунизирани природно бидејќи делта варијантата е многу заразна. Во овој случај, ќе завршиме со ситуација слична на ситуацијата со грип. Или може да се вакцинирате и да имате добра зима, или може да не се вакцинирате и да ризикувате да се разболите, а можеби и да завршите во болница, додава Бансел.

На прашањето дали тоа значи дека враќање во нормала може да се очекува во втората половина од наредната година, тој вели: „Претпоставувам дека од денес за една година“. Директорот очекува владите да одобрат бустер дози од вакцината за луѓе кои се веќе целосно вакцинирани, бидејќи на ризични пациенти кои биле вакцинирани минатата зима, како што кажа, несомнено им треба освежување.