Италијанскиот Национален институт за здравство препорачува бремените жени да се вакцинираат против Ковид -19 после првите три месеци од бременоста. На жените им се препорачува да примаат две вакцини во вториот и третиот триместар од бременоста. Според нивното соопштение, одлуката е донесена бидејќи има се повеќе докази за безбедноста на вакцините за време на бременоста, и за фетусот и за мајката.

– Жените кои сакаат да се вакцинираат во првиот триместар треба да направат проценка на ризик и придобивки кај лекар, стои во соопштението, при што се укажува на покачена температура, што е една од можните реакции на вакцината и може да предизвика ризик од деформитет кај плодот. Жените кои дојат можат да се вакцинираат, а новороденчињата можат безбедно да апсорбираат антитела преку млекото.

Голем број држави издадоа препорака оваа година дека бремените жени можат да се вакцинираат против Ковид-19, откако се утврди дека вакцините се безбедни.