Вработените на Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет, кои пред неколку месеци протестираа заради лошите услови за работа, сѐ уште не добиле никаква информација дека ќе има нови вработувања за да може институцијата да функционира.

– Официјално немаме никаква информација, не ни кажуваат конкретно дали ќе одобрат вработувања на двајца асистенти и четворица виши лаборанти. Не знаеме што ќе правиме ако не ни одобрат. Разбравме дека по други факултети примиле нови кадри, ние еве чекаме. Потребните документи се во министерствата за образование и наука и за финансии – вели проф. д-р Виктор Стефов, долгогодишен професор на Институтот.

Тој, заедно со неговите колеги и студентите, пред извесно време на мирен протест го изразија незадоволство, алармирајќи дека условите за работа никогаш не биле полоши и дека на оваа високообразовна институција нема елементарни услови за работа.

– Ова е резултат на лошата поддршка и политики во високото образование во последните дваесетина години, а за науката во последните десетина години, и тоа особено во делот на грижата за човечкиот потенцијал и материјалните услови за настава и истражување. Заради реномето и развиената висока академска свест, вработените на Институтот со години наназад вложуваа големи напори за амортизација на континуираното влошување на состојбите истовремено укажувајќи на проблемите и правеа напори за нивно решавање. Беа упатувани барања до надлежните за добивање согласност за вработување на млади соработници, за вложувања во подобрување на материјалните услови и поддршка за научноистражувачката дејност, но одговор немаше – велат професорите.

Професорите велат дека сами купуваат хемикалии за да прават експерименти во лабораториите и за да одржуваат вежби со студентите. Инаку пред десетина години, цела една третина од трудовите во Македонија кои беа објавувани во списанија со импакт-фактор, беа токму од реномираниот Институт за хемија. Сега, овој процент е драстично намален.

Пофесорите бараат итно да се одобрат барањата за вработување на млади соработници од надлежните министерства за ублажување на катастрофалната состојба со подмладок за да може да се реализира практичната настава, нешто што во овој момент е неизводливо.

Веќе осум години не е добиена согласност за вработување на асистент на овој Институт, а во меѓувреме се случуваат редовни пензионирања на професорите и лаборантите, кои се неопходен дел од практичната настава.