Трендот на заминување на медицинскиот кадар од Република Македонија станува толку масовен, што тоа веќе почнува на големо да се одразува врз квалитетот на здравствената заштита, но долгорочно и на образовниот систем кој полека останува без кадар кој ќе репродуцира нови доктори.
Ова во својата колумна го истакнува Прим. Д-р Славица Трајкова.
Текстот напишан од докторката вработена во ЈЗУ Општа Болница Велес, ви го пренесуваме во продолжение:
Лошата кадровска политика која ја води актуелната власт во македонското здравство и која претставува регрутен центар за партиски вработувања во најсензитивниот дел на нашето општество е повеќе од очигледна. Тоа го покажа и последниот оглас за вработување во ЈЗУ Општа болница Велес, за кој актуелниот директор донесе одлука со која наместо првите пет рангирани доктори од пријавени десет, примени се четвртиот, петтиот, седмиот, осмиот и последно рангираниот кандидат. По кои критериуми го направи изборот на кандидатите? Одговор засега нема.
Оваква кадровска политика во здравството е недозволива Господа Од Власта! Го уништивте јавното здравство.
Се помал број на на стручен и квалификуван кадар, наспроти се поголем број на незадоволни пациенти, кои лутајќи по здравствените лавиринти бараат помош. И кој како ќе се снајде. Тие што се со подлабок џеб бараат спас во приватните здравствени установи, а сите останати како знаат и умеат. Очајна слика во нашето секојдневие.
Алармантен е и недостигот на лекари специјалисти во ЈЗУ Општа болница Велес, што води до опасност од затворање на болнички оддели.
Регионалната поставеност на ОБ Велес, која значи дека истата обезбедува здравствена заштита на населението не само од општина Велес, туку и на 10% од населението кое гравитира кон нашата општина (Вардарски регион и руралните средини), се доведува во сериозен опстанок, токму поради континуиран дефицит на специјализиран медицински кадар.
ЈЗУ Општа болница Велес располага со 52 лекари специјалисти и 22 општи лекари ( кои во наредните години треба да ја завршат својата специјализација, за која е потребно минимум 5-6 години)
Одделот за општа хирургија располага само со двајца специјалисти хирурзи, што само по себе доведува до намален обем на работа, намален број на извршени операции, а не се изведуваат ниту посложени хируршки интервенции, поради што пациентите се принудени да бидат упатени во други здравствени установи.
Иста е состојбата и со одделот за урологија, кој располага со само еден специјалист. Бројот на докторите специјалисти дополнително се намалува и со заминување во пензија. Со оглед на старосната структура на специјалистичкиот кадар во ОБ Велес и неадекватен план и стратегија за кадровска обнова, се поставува прашањето: Дали на ЈЗУ Општа Болница Велес и престои сериозен колапс?
Одделите за ОРЛ и офталмологија веќе неколку години функционираат како специјалистичко-консултативни служби, поради фактот што во моментов ординира само еден лекар специјалист ОРЛ и двајца офталмолози, поради што многу често се доведува во прашање и организацијата на сменската работа.
Одделот за инфективни болести функционира крајно недостоинствено, како инфраструктурно, така и во делот на безидејност и планирање на специјалистички кадар. Овој оддел функционира во услови на една дотраена и руинирана болничка зграда од 1982 година, која не обезбедува ниту ниту достоинствени услови за работа на медицинскиот персонал, а уште помалку безбеден, квалитетен престој и лекување на пациентите.
За овој објект и неговата реконструкција и адаптација постои изработен проект во претходниот мандат на ВМРО – ДПМНЕ со буџет од 27.000.000 денари, но за жал, до денешен ден не е направен ниту еден чекор во негова реализација. Се поставува прашањето и за одржливоста на континуирана работа и постоење на одделот за инфективни болести, поради фактот што за период од 6 години, во Општина Велес ќе нема лекар специјалист инфектолог.
И постојано ми се наметнува едно исто прашање. Ова ли е начинот на унапредување на квалитетот на здравствените услуги и задоволни пациенти?
Дали, Вие господа од власта размислувате за својот народ или водите тесно партиски и лични интереси со голем број на афери, криминални тендери и зделки за личен профит, на сметка на здравјето на сопствените граѓани?
Да Ве потсетам.
Здравјето е состојба на целосна физичка, психичка и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест или на телесни недостатоци. Ова е дефиниција од Светска здравствена организација и го опишува човековото здравје во сеопфатна смисла.
Ако оваа дефиниција сте ја заборавиле, да Ве потсетам дека истата важи за сите граѓани, а не само за одредени привилегирани категории во кои Вие удобно се сместивте и има огромна важност како цел кон која требало досега да се движите и дејствувате.