Македонија е подготвена да се справи со корона вирусот иако во моментов нема таква закана кон земјава – уверуваат надлежните во земјава.
По средбата на комисијата за заразни болести, ресорниот министер Венко Филипче порача дека сите капацитети се подготвени да се справат со предизвикот, а земјава постапува по препораките дадено од СЗО. Слична порака упатија и од канцеларијата на СЗО во земјава, од каде велат дека за сега нема простор за паника, а на граѓаните им порачаа повеќе да внимаваат.
По неколку неделно колебање светската здравствена организација доцна синоќа го прогласи тоа што и се очекуваше – светска вонредна ситуација за корона вирусот. Тоа значи дека државите ќе добијат серија на препораки за борба против вирусот, кои вклучуваат активен надзор, рано откривање, како и споделување на информации со светската организација. Одлуката исто така, на земјите им наметнува построги критериуми во пријавувањето на случаи на заразата. Од Организацијата велат дека на ваков чекор се решиле бидејќи стравуваат вирусот освен во Кина да се прошири и во држави кои имаат послав здравствен систем.
-Не знаеме каква штета може да направи овој вирус доколку се прошири во земји со послаб здравствен систем, мораме да дејствуваме сега за да им помогнеме на државите да се подготват за таа можност. Поради сите овие причини, прогласувам вонредна ситуација од меѓународен карактер заради ширењето на корона вирусот. Главната причина за оваа одлука не е за тоа што се случува во Кина, туку за тоа што се случува во други држави,вели Тедрос Адханом Гебрејсус СЗО.
Сепак, неколку часа по одлуката на СЗО, кинеските власти соопштија дека билансот на жртви од вирусот се зголемил на 213 лица и близу 10 илјади заболени лица, од нив до сега околу 190 лица успешно се излекувале од смртоносниот вирус. Вирусот досега се прошири на скоро сите континенти, а во Европа покрај во Франција, Германија и Финска, први регистрирани случаи на заболени има и во Италија и Велика Британија.
Докторите кои се на првата линија во борбата против вирусот, за сега се борат против непознатото. До сега се знае само дека вирусот ги напаѓа белите дробови, а меѓу симптомите се висока температура, кашлица, губење на здив, болки во мускулите, главоболка и воспалено грло. Слични вонредни ситуации до сега биле прогласени во пет случаи, кога светот се соочуваше со Зика вирусот, детската парализа, свинскиот грип и два пати заради еболата.