Кина, која се соочува со епидемија на смртоносниот коронавирус, е најголемиот потрошувач и увозник на енергенси.
Руската компанија „Гаспром“, најголемиот светски снабдувач со гас бележи пад на производството од шест отсто, а извозот е паднат за околу четвртина. Истовремено паднаа и цените на гасот: моментално во Европа, која е далеку најважен пазар на „Гаспром“, се на најниско ниво во последните 15 години.
За сите тие негативни трендови има повеќе причини, а сега им се придружи уште еден: коронавирусот Ковид-19, пишува „Дојче веле“.
Епидемијата на болеста создаде услови во кои Кина беше принудена да преземе сериозни мерки: безброј летови се откажани, сообраќајот во градовите е запрен, производството во многу фабрики е намалено или потполно запрено.
Тоа пак, предизвика пад на цените на енергенсите на светскиот пазар, бидејќи Кина е најголемиот потрошувач и увозник на енергенси.
Поефтинија и нафтата и природниот гас. На европскиот пазар, на кој се извршуваат краткорочни купувања, цените паднаа на околу 100 долари за илјада кубни метри. Тоа е половина од она што „Гаспром“ во 2019 година просечно го заработуваше за своите испораки.
Најголемата руска компанија е пред тешка година бидејќи, како што наведуваат од „Дојче веле“, ќе се соочи со понатамошен пад на извозот, ниските цени и сѐ поголемата конкуренција.
Проблем е преголемата понуда на гас
Главниот проблем е преголемата понуда на гас, но и нафта. Причината е брзиот развој на пазарот за течен нафтен гас (LNG) што ја потресе индустријата и создаде нови големи играчи кои потоа станаа конкуренти на рускиот гигант: од Катар и Австралија, преку Малезија, САД и Нигерија, па сѐ до Тринидад и Тобаго.
Во моментов таа преголема понуда на гас – кој главно се користи за греење и затоа што е сезонски производ – дополнително е зголемена и поради значително благата зима на северната хемисфера на Земјата, особено во Европа. Климатските промени оваа година тешко го погодија „Гаспром“.
Освен тоа, оваа година истече и десетгодишниот руско-украински договор за транзит на гас. Се стравуваше дека испораките преку Украина за Европа би можеле да бидат прекинати. Затоа минатата година од претпазливост многу компании, вклучувајќи ја и „Гаспром“, ги наполнија „до врв“ европските складишта со гас.
Тие резерви сега се користат, што придонесе до намалување на побарувачката за гас од Русија во првите неколку недели на оваа година. Инаку, Москва и Киев сепак успеаја да се договорат за нов договор за транзит, нешто пред истекувањето на стариот.
Ако топлото време продолжи до пролетта и складиштата за гас останат релативно полни, побарувачката за време на летото, кога на светскиот пазар се купува гас в зима, ќе биде помала отколку вообичаеното. Тоа долгорочно би го оптеретило извозот на „Гаспром“.
Некои европски увозници, особено оние кои со договори не се особено врзани за „Гаспром“, сигурно ќе претпочитуваат да се префрлат на увоз на течен нафтен гас кој често е поефтин, и тоа значајно.
Таквата ситуација би можела да потрае, бидејќи падот на побарувачката на енергенси во Кина поради коронавирусот, а со самото тоа и течниот нафтен гас, ќе ги присили произведувачите шриум светот своите танкери почесто да ги испраќаат во Европа.
На „Гаспром“ и понатаму му се заканува поголема конкуренција од страна на доставувачите на течниот нафтен гас. Како што пренесе руската новинска агенција „Интерфакс“, тие својата продажба во Европа во 2019 година ја зголемиле за 88 отсто. Притоа на рускиот„Гаспром“ не се конкуренција само странските произведувачи, туку и приватната руска компанија „Новатек“, која исто така добива помош од државата, завршува „Дојче веле“.