Членот на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски, во гостувањето на ТВ Алфа, побара одговорност за несериозноста од страна на надлежните институции за невршење на контрола на храната која што ја конзумираат граѓаните.

Од договорите склучени помеѓу Агенцијата за храна и ветеринарство со Факултетот за ветеринарна медицина, дојдовме до заклучок дека минатата 2019 година имало еден вакуум простор, односно повеќе од 5 месеци каде што Агенцијата немала договор со Факултетот за ветеринарна медицина, а тоа значи дека во тој период не се вршела никаква контрола на храната во Република Македонија. Јас тоа го обелоденив на прес конференција и побарав одговор и објаснување од страна на министерот, од страна на директорот, бидејќи безбедноста на граѓаните и храната која што ја конзумираат треба да биде контролирана, а не во таков период да не знаеме што влегло во државата и што се конзумирало, посочи дополнителниот заменик министер во МЗШВ Цветан Трипуновски.

Трипуновски посочи и дека за ваквата состојба и несериозност од страна на надлежните мора да се понесе одговорност.

-Замислете повеќе од 200 дена во државата не се правела контрола на храната, тоа е крајно сериозно и треба некој да се замисли и да си понесе одговорност, кажа тој.