Три нови слуачи на заболени од корона вирусот во Штип. Станува збор за две возрасни лица и едно дете, со што бројката на заболени од Ковид-19 во Штип се искачи на вкупно седум лица.
Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, кој го раководи кризниот штаб, вели дека од утринава се прави дезинфекција на сите детски игралишта, низ населбите и пред здравствените ординации, каде што има поголема фреквенција на луѓе.
-Од страна на Центарот за јавно здравје побарано е да се постави пункт, каде што граѓаните ќе можат да оставаат брисеви за тестирање. Планирано е пунктот да се постави на задниот влез на Здравствениот дом „Панче Караѓозов“-Штип, вели Бочварски.
Тој истакна дека во текот на утрешниот ден кризниот штаб ќе има состанок, на кој ќе се донесат и дополнителни мерки за заштита на населението.
Инаку денеска штипјани го слават празникот Чет’ рсе, но оваа година по своите домови. Граѓаните не се искачуваат на тврдината Исар и не го прават вековниот обичај со собирање на 40 камчиња, поздравување со 40 лица, подготовка на 40 пишии. Од раните утрински часови на сите влезови и излезе од тврдината Исар има полициски пунктови и обезбедување.