Официјални лица од Белата куќа синоќа повикаа лицата кои во изминативе денови отпатувале од Њујорк да одат на двонеделен карантин кога ќе се вратат дома.

Тие лица, без да знаат, можеби се заразени од коронавирусoт.

-Секој што бил во Њујорк, треба да замина во самоизлоација во наредните 14 денови за да осигура дека вирусот нема да се прошири кај другите, без разлика каде тие заминале, дали е тоа Флорида, Северна Каролина, или во далечниот дел на Лонг Ајленд, изјави д-р Дебора Биркс, координатор во штабот на Белата куќа за борба со коронавирусот.

Антони Фаучи, главен вирусолог и член на штабот, изјави дека се забележува дека луѓето сакаат да го напуштат Њујорк, град кој во изминатите две недели стана жариште на смртоносниот вирус.

-Не сакаме тоа да стане уште една точка на сеење за остатокот на земјата, каде и да одат, изјави тој.

Според него, во просек, на секои 1.000 жители еден е инфициран, што е околу осум до десет пати повеќе отколку во другите сојузни држави.

Во сојузната држава Њујорк се забележани речиси 26.000 случаи на заболени од Ковид-19, болест предизвикана од новиот коронавирус. Тоа е речиси половина од вкупниот број на ниво на САД. Во ова држава од вирусот досега починале 167 лица.