Сеопфатна студија во Кина
Првата сеопфатна студија за смртноста и хоспитализациите во Кина предизвикани од коронавирусот детално покажува колку е повисок ризикот кај постарите пациенти со ковид-19.
Анализата открива дека додека вкупната стапка на смртност кај потврдените случаи е 1,38 отсто, таа нагло се зголемува во зависност од возраста – од 0,0016 отсто кај лицата помлади од десет години до 7,8 отсто кај лицата постари од 80 години. Студијата покажува дека само 0,04 отсто од лицата на возраст од 10 до 19 години имаат потреба од болничка нега, во споредба со над 18 отсто од лицата над 80 години. Драматични зголемувања се забележани и кај средовечните пациенти, при што четири отсто од луѓето во своите 40-ти имаат потреба од болничко лекување и над осум отсто од пациентите над 50 години.
Процените објавени во медицинското списание „Лансет“ се засноваат на анализа на 70.117 лабораториски потврдени и клинички дијагностицирани случаи во Кина, во комбинација со 689 позитивни случаи кај луѓе евакуирани од Вухан и со авиони вратени во матичните земји, пренесува „Гардијан“.
– Нашите процени може да се применат во која било земја за да се носат информирани одлуки и да се спроведуваат најдобри политики за ограничување на ковид-19 – изјави професорот Азра Гани, коавтор на студијата.
Според Гани, анализата јасно покажува дека хоспитализацијата е многу поверојатна кај лица на возраст од над 50 години отколку кај лицата под 50 години, како и дека поголем дел од случаите „веројатно ќе бидат фатални“. Бидејќи земјите имаат различни пристапи кон тестирањето и понекогаш ги менуваат стратегиите за тестирање, научниците се мачат да ги споредат стапките на смртност меѓу земјите. Друг проблем е да се пресмета процентот на луѓе што умреле откако се заразиле, зашто многу случаи никогаш не се потврдени.
Најновата студија го проценува бројот на неоткриени случаи со вкупна стапка на смртност од 0,66 отсто. Иако бројката е помала од неодамнешните процени, таа е значително поголема од пандемијата на свински грип во 2009 година, кога починаа 0,02 отсто од заразените.
Овие наоди само ја потврдуваат сликата од целиот свет, според која вирусот им нанесува најголема штета на постарите луѓе, кои веќе имаат и други здравствени проблеми. Тоа е и едно од објаснувањата зошто, на пример, Италија има толку многу жртви меѓу заразените, имајќи предвид дека земјата има второ најстаро население во светот.