Државниот карантин, по поминти 14 дена, вчера успешно го напуштија 160 македонски граѓани, кој со хуманитарен лет беа вратени во земјава. Статистиката заклучно со вчера покажува дека во државен карантин се наоѓаат 2099 лица, а утре треба да се реализира лет од Лондон до Скопје. За таа цел Министерството за надворешни работи ги информира сите македонски граѓани во Обединетото Кралство, кои планираат да се вратат во земјава со авионски превоз Лондон-Скопје организиран од Владата, рокот за пријавување на повикот завршува денеска, 5 април до 10.00 часот.
Владата овој авионски превоз Лондон-Скопје го организира на 6 април 2020 (понеделник) во попладневните часови.
– Упатуваме последен повик до сите вас, македонски граѓани во Обединетото Кралство, посебно оние кои поради вонредно тешките околности насекаде, откажани летови и затворени граници, немаат начин како да се вратат дома, во татковината. Информираме дека Владата организира авионски превоз Лондон-Скопје на 6 април 2020 (понеделник) во попладневните часови. Рокот за пријавување на овој последен повик е до недела, 5 април до 10.00 часот, соопшти МНР на својот фејсбук профил.
Од Министерството посочуваат сите заинтересирани да ги достават податоците: име и презиме, број на македонски пасош, контакт телефон и мејл адреса и истите да ги испратат на мејлот од Амбасадата: london@mfa.gov.mk.
Амбасадата може да ја контактираат на телефонскиот број 07917 684 668, а заинтересираните кои ќе се регистрираат преку оваа Амбасада, ќе бидат веднаш контактирани од Кризниот штаб во Министерството за надворешни работи.
-Граѓаните кои ќе се пријават на повикот, при влез во авионот ќе потпишат договор меѓу нив и Владата на Република Северна Македонија во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата и ќе пополнат Изјава дека се согласни по пристигнување на територија на нашата земја да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена, соопшти Амбасада на Република Северна Македонија – Лондон.
Во 25 објекти определени за државен карантин сместени се вкупно 2099 лица, соопшти министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.
Вчера Владата на Република Северна Македонија информира дека успешно е завршен државниот карантин за 160 македонски граѓани, кои поминале 14 дена во строги безбедносно-здравствени услови во хотелот „Ибис“ во Скопје (Тафталиџе) и во депандансот во Демир Капија.
-Граѓаните кои успешно го завршија државниот карантин немаат симптоми на вирусот КОВИД-19 и ќе поминат уште 14 дена во домашна изолација, согласно здравствените препораки на епидемиолозите, наведуваат во соопштението од владината прес-служба.
Досега во земјава се вратени вкупно 2.207 македонски државјани, покажуваат податоците на Министерството за надворешни работи кое го организира враќањето на наши граѓани затекнати во странство.
Како што објави МНР на фејсбук профилот, од 22 март до 4 април на Глобалниот контакт центар за конзуларни услугу во итни ситуации на Министерството се пријавиле 5.228 македонски граѓани од целиот свет кои сакаат со авион да се вратат во земјавата. Од нив 2.890 се согласиле да бидат сместени во државен карантин. Најголем дел од повиците – 93 проценти или 4.861 доаѓаат од Европа, а 272 повика се регистрирани од континентите вон Европа.
Со досега реализираните чартер – летови од Ла Валета, Загреб, Љубљана, Виена, Базел, Минхен, како и по два лета од Берлин и од Келн/Бон во земјата се вратиле 1.445 наши државјани. Преку три хуманитарни конвои со автобуси и автомобили од Црна Гора, Турција и Словенија обезбедено е враќање на 150 наши државјани. Со посредство на Австрија и Португалија во земјава се вратени и 11 македонски државјани од Перу.
МНР во соработка со странски претствништва кај нас, репатрираше и над 600 странски државјани меѓу кои и на Австрија, Австралија, САД, Франција, Хрватска, Црна Гора и Косово.
По избувнувањето на пандемијата со коронавирусот сите гранични премини на земјава беа затворени на 16 март, а на 18 март беше затворен и Меѓународниот аеродром Скопје.
Бројките покажуваат дека на 2405 лица им се издадени решенија за изолација, а вкупно 9793 лица пополниле изјава за самоизолација.
-Констатирани се 10 прекршувања на решенијата за изолација и 157 на изјавите за самоизолација, а полицијата поднесе и кривична пријава и 25 известувања за говор на омраза порзан со Ковид 19, напиша министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на својот Фејсбук профил, каде се заблагодари до граѓаните кои ги почитуваат одлуките на Владата за ограничување на движењето како една од мерките за справување со корона вирусот.
Во однос на статистика која се однесува на почитување на мерките за ограничување на движењето на граѓаните од нивното воведување, министерот информира дека вкупно 1322 лица не ја почитувале мерката за ограничување на движењето, 62 лица од нив се на возраст до 18 години и 42 лица се на возраст над 67 години.
-Приведени се вкупно 519 лица, опоменати се 223 лица, а за останатите земени се податоци и ќе следуваат дополнителни мерки. Најголем дел од лицата се на територијата на СВР Скопје. До основното јавно обвинителство до сега поднесени се вкупно 483 кривични пријави и 73 известувања, напиша Чулев.
Во објавата на Фејсбук стои дека од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика поднесена е една кривична пријава и 25 известувања до основното јавно обвинителство кои се однесуваат на говор на омраза поврзан со COVID19.