На Република Македонија и се случува политичко зло наречено Зоран Заев, предупреди лидерот на опозицијата. Христијан Мицкоски го обвини премиерот дека предизвикува поделби кај македонскиот народот со јасна цел како што вели – на сите граѓани да им се свитка кичмата.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ повика на обединување против поделбите и најави дека ќе ги искористат сите алатки кои што и стојат на располагање.

  • Ова зло кое што му се случува на Република Македонија има име и презиме. Се вика Зоран Заев. Човек без визија, без политичка култура и човек без платформа. Единствен проект кој што го има е како да ја подвитка кичмата на сопствениот народ и на сопствената татковина. Нема тоа да му го дозволиме, рече Мицкоски.

Мицкоски вели дека битката е почната и ќе заврши со предвремени парламентарни избори. Предупредува дека штетните политики на власта ја урнисале економијата и стандардот на граѓаните. Државата се презадолжува, нема инвестиции, ниту повисоки плати и пензии. Предупредува дека каде и да оди гледа очај и разочараност. Ова вели тој мора да престане.

  • Среќавам многу луѓе кои што се под притисок, под закана, дека ќе ги загубат работните места ако се поздрават со мене, ако дојдат да испијат едно кафе со мене. Ви велам доста е. Доста е браќа и сестри, само вие можете да го победите стравот. Јас сум тука да ви помогнам. Мојата цел е јасна, мојата цел нема алтернатива. Ветуваа многу, а сега гледаме дека лажеа. Колку ли само е тешко да го гледаш човека во очи и да го лажеш. Како не им е срам? Нема 500 евра плата просек, нема поголеми плати за вработените во здравството нема 600 километри автопат, нема зголемени пензии, нема поконкурентно образование, нема реформирано судство, а помина една година. А така храбро викаа во кампањата знаеме во каква ситуација е Македонија имаме решение живот ќе донесеме. Донесоа чемер и јад, ништо друго, вели Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рано утрово беше во Пеленица, локалитет лоциран на неколку километри од Драчево. Таму традиционално, секоја година на овој ден се одржува сенароден собир. Во комплексот е сместена црквата изградена во чест на светицата Руса среда.

Тој додаде дека е време да му застанат на патот на сето ова понижување и навреди. Ги повика сите на големиот народен собир кој што ќе се одржи на 2 јуни пред Владата, каде ќе бидат презентирани проекти, кои планираат да ги имплементираат на првиот ден откако ќе ја формира новата влада.