Нема да се откажеме додека не се најде одговорниот за целата збрка што ни ја приредија, вели чичкото на момчето Спасе Дамјаноски

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) го завршил инспекцискиот надзор во врска со пациентот од Кичево, чие семејство беше известено дека има четири негативни теста на ковид-19, а подоцна во Институтот за јавно здравје се водеше како пациент со еден позитивен тест. На прашањето од „360 степени“ упатено до Министерството за здравство во врска со деталите од инспекцискиот надзор добивме краток одговор:

„Инспекцискиот надзор е завршен, нема индикации за понатамошна постапка“,

велат од Министерството за здравство.

Со ова, во јавноста остануваат неодговорени повеќе прашања кои се отвораат следејќи ја хронологијата на настаните поврзани со овој случај. Датумите на кои му се земени брисовите на момчето за тестирање на ковид-19 се совпаѓаат со исказите на семејството и со податоците што ни ги испратија од Министерството за здравство.

Неговиот прв тест направен на ковид-19 на 7 април со брис земен во болницата во Охрид бил негативен. Потоа, на 12 април на пациентот му е земен уште еден брис и во исто време му е даден отпусен лист од болницата Охрид.

Според сите досегашни препораки, а сега веќе и со уредба со законска сила, лицата на кои им се зема брис треба да бидат во изолација додека пристигнат резултатите.

Во отпусниот лист од болницата во Охрид се вели дека момчето треба да биде згрижено на интерното одделение во Општата болница во Кичево, а не да биде препратено во ГОБ „8 Септември“. Но, во кичевската болница му била дадена само инфузија, а доцна во ноќта со возило на итна помош е испратен за Скопје. Рано изутрината на 13 април му е земен уште еден брис за тестирање на ковид-19, а подоцна на 17 април му е земен уште еден брис. За резултатите од сите четири теста, семејството Дамјаноски усно е известено дека се негативни. За ова, тие велат дека поседуваат докази.

Но, во Институтот за јавно здравје е заведено дека еден од тестовите бил позитивен. Од Министерството за здравство рекоа дека позитивниот тест бил од брисот земен во охридската болница на 12 април, а резултатите од тестовите направени во ГОБ „8 Септември“ на 13 и 17 април биле негативни. Тука е нејасно, зошто на 12 и на 13 април за помалку од 24 часа се направени два теста на ковид-19 и како тие покажале различни резултати.

Доколку е точно дека едниот тест направен во Охрид е позитивен, нејасно е зошто не е одредена изолација и за лекарите од болницата во Охрид, туку изолација им е наложена само на седум члена од семејството и на пет здравствени работници од болницата во Кичево.