Поминаа два дена откако целосно е укинат полицискиот час во земјава, по посебни протоколи отворени се кафулињата и рестораните и дел од вработените се вратија на нивните работни места. Задолжително е носење маска и држење на растојание од два метра.
Надлежните апелираат и порај попуштањето на мерките, да нема опуштање и да се почитуваат препораките за заштита за да не се доведеме повторно во ситуација да мора да се воведуваат рестрикции.
Во изминатото деноноќие се регистрирани нови 38 заразени лица, а во моментов се активни 470 случаи на заболени од Ковид-19.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека сме исправени пред два избора – да се навикнеме безусловно да ги почитуваме мерките за заштита на здравјето кои се предуслов за нормализирање на состојбата или со непочитување на препораките да ризикуваме повторно враќање назад кон рестрикции и остри мерки.
– Почнува да се враќа животот во нормала и почнуваат да се отвораат бизнисите, се враќа слободното движење, а наскоро ќе се отворат и границите. Се отвораме како што тоа го прават сите земји околу нас и во светот, посочува Филипче.
Анализите на епидемиолозите потврдиле оти состојбата е стабилна, а досегашната стратегија дала резултат.
– Го заштитивме здравствениот систем и ја одржавме епидемијата под контрола. Тоа беше предуслов да ги олабавиме рестриктивните мерки. Но, мерките за лична заштита остануваат да важат и мора целосно да се почитуваат. Задолжително носење маска или прекривка на устата и носот, одржување физичка дистанца, редовна хигиена и дезинфекција на рацете се мерки кои остануваат дел од нашето секојдневие. Со овие мерки ние продолжуваме понатаму и со нив ќе се заштитиме, порача министерот.
Во моментов најмногу активни случаи на заболени лица има во Скопје – 232 лица, во Куманово се активни 36, во Штип-19, Прилеп-43, Тетово – 71, Струга – 9, Велес – 31, Битола – 7, Охрид – 8, Гостивар – 4 и Струмица – 1, Неготино – 5, Виница – 1, Кратово- 1 и Свети Николе- 1 активен случај.
Новите 24 случаи со Ковид-19 во Скопје, што беа регистрирани вчера, се од Сарај (7), Бутел (4), Чаир (3), Аеродром (3), Студеничани (2), Шуто Оризари (2), Гази Баба (1), Кисела Вода (1) и Карпош (1).
Досега во земјата се направени вкупно 27.023 тестирања на Ковид -19. Од почетокот на епидемијата досега се регистрирани 2.077 заболени од коронавирус, починаа 121, а оздравени се 1.486 лица.
Од Министерството за здравство тврдат дека стапката на смртност од Ковид-19 во земјата е далеку под европскиот и светскиот просек.
-Процентот на смртност од вкупниот број потврдени со Ковид-19 во Македонија изнесува 5,8 отсто, а со повисок процент на смртност во регионот се Словенија со 7,3 проценти, Босна и Херцеговина со 6,2 отсто, Грција со 6.0 проценти, посочуваат од Министерството за здравство.
Процентот на смртност кај нас е под светскиот просек кој изнесува 6,17 отсто и далеку под европскиот просек кој е 8,75 проценти. (МИА)