Европските министри за здравство денеска се согласија дека е важно што поскоро да се најде вакцина против Ковид-19 и да се обезбеди нејзината најширока достапност, соопшти хрватското претседателство на ЕУ.
Министрите на денешната видео конференција го поздравија предлогот на Европската комисија (ЕК) за воспоставување на новата програма EU4Health, што треба да ги зајакне здравствените системи на земјите членки на ЕУ.
-Свесни сме дека развојот на безбедна и ефикасна вакцина е најдобриот начин за борба против пандемијата на Ковид-19 и дека брзиот развој на вакцината и обезбедувањето на нејзината достапност е исклучително важно, изјави државниот секретар на хрватското Министерство за здравство, Томислав Дулибиќ.
ЕК во мај го претстави планот за заздравување од пандемијата, во кој ја вклучи и програмата EU4Healt за помош на здравството. За оваа цел се наменети 9,4 милијарди евра, многу повеќе од претходно предложените 413 милиони евра.