59 годишен крводарител откако добил термин за вакцинација, бил вратен од вакциналниот пункт. Станува збор за Зоран Трипчуновски кој во изјава за нашите медиуми образложува дека 90 пати има дарувано крв, а за вакцинација добил документ од својот матичен доктор, по што на вакциналниот пункт му било посочено дека не е на ред за вакцина.

Трипчуновски пред неколку месеци и самиот заболел од Ковид-19, по што дарувал крвна плазма за друг човек од Гевгелија кого не го ни познавал, но решил да му помогне. Тој со своето дарување крв спасил стотици животи, но сепак за себе не успеал да си обезбеди вакцина против Ковид-19.

– Отидов во Борис Трајковски и им велам 90 пати имам дарувано крв. И плус два пати крвна плазма. Од таму ми велат господине не сте на ред…јас им велам имам документ од матичен, еве го. Па потоа ми велат ете го министерот Филипче е таму, реагирај. А околу него имаше 50 луѓе, па си заминав. И реков, веќе никогаш во животот нема да дарувам крв, ни капка, вели Зоран Трипчуновски.

И хронично болните долго време се жалат дека останале извисени од државата и не добија приоритет за вакцинација.