Затворот во Штип потврди дека уште двајца вработени во институцијата се позитивни на коронавирусот. Станува збор за лекар и стоматолог кои работат во рамките на затворската амбуланта. Тие како што посочуваат од затворот се заразени од осуденикот кој минатата недела беше првиот потврден случај во оваа казнено-поправна институција.
Директорот на Затвор-Штип, Мики Тодоров рече дека денеска на двајца вработени од Затвор-Штип им е закажено тестирање. Деветмината осуденици, кои се изолирани по контактите со заразениот осуденик немаат никакви симптоми и се во добра здравствена состојба, а дополнително се изолирани уште две осудени лица кои имале контакт со стоматологот, кој еден ден пред да му се појават симптомите на заразениот осуденик, му вадел заб.
Тодоров посочува и дека покрај тоа што на двајцата вработени им е дијагностициран Ковид-19, медицинскиот техничар не е позитивен на вирусот.