Дел од лекарите и медицинскиот персонал од Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ во Охрид се заразени со британскиот сој на коронавирусот, што во значајна мера ја отежнува дејноста на институцијата.
Според информациите, состојбата во болницата е комплексна, но установата останува отворена за пациентите и итните случаи.
-Последниве денови сведоци сме на зголемен број на Ковид-19 позитивни во целата земја, а Охрид е еден од најпогодените градови. Веќе неколку недели сме помеѓу градовите со највисок број на активни случаи на број на жители во земјата. Од неодамна, од Министерството за здравство имаме и официјални податици дека во Охрид и регионот е изразено висока застапеноста на „британската мутација”, која се одликува со значајно повисока преносливост. Ваквата состојба, за жал, не не заобиколи и нас како установа која непрекинато ја врши својата дејност во услови на пандемија, но неколку месеци наназад во посебен оддел третира и ковид-пациенти. Сакаме да потенцираме дека во ковид-одделот кај нас се третираа најкомплексни пациенти од целиот регион и многу од нив имаа потреба од неинвазивна и инвазивна респираторна подршка. Но, и покрај се, ги информираме нашите пациенти дека непречено ќе функционира згрижувањето на сите итни случаи и Салата за интервентна кардиологија ќе биде на располагање 24/7 во функција на третирање на сериозни и живото-загрозувачки состојби. И натаму, ќе работи ургентна амбуланта за оние кои имаат потреба од итен преглед, се наведува во соопштението од Заводот.
Истовремено се упатува апел до пациентите да бидат внимателни, да избегнуваат ризични контакти и да останат дома до постигнување на колективна имунизација.