Денеска започна масовната вакцинација и во Битола. Станува збор за вакциналниот пункт кој се наоѓа во спортската сала на Медицинското училиште во Битола. Вакцинирањето освен во Битола ќе се одвива и во неколку други регионални центри во државата и тоа: Скопје, Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола.
Граѓаните кои ќе се вакцинираат во битолскиот вакцинален пункт доаѓаат од пет општини: Битола, Прилеп, Крушево, Демир Хисар и Македонски Брод. Досега вкупно се пријавени 18 000 луѓе, а неделава ќе се вакцинираат повозрасните лица.
Во текот на денешниот ден веќе се закажани 910 термини, а до крајот на неделата се очекува да се реализираат и по 950 термини на ден. Апелот кој го упати Директорката на Здравствениот дом Битола, Весна Спирковска е сите оние кои се заинтересирани да примат вакцина тоа да го направат така што ќе се пријават на системот Vakcinacija.mk. Таа посочи и дека во процесот на имунизација се вклучени над 100 луѓе, 25 медицински тимови, лица задолжени за административните работи и волонтери од Црвениот крст.
Спирковска потенцираше дека за здравствените работници ќе биде определен посебен пункт каде ќе ја примат вакцината и ќе има посебни потврди потврди на кои ќе биде наведено од која здравствена институција се и на кое работно место работат.