Русија регистрираше лек за инхалација „лајтрагин“ наменет за лекување и превенција при воспалување на белите дробови, предизвикано од коронавирусот, соопшти Фередалната биомедицинска агенција на Русија (ФМБА).
„Лекот во спреј „ Лајтрагин“, развиен од Агенцијата за медицина и биологија, е регистриран во руското Министерство за здравство. Тој е наменет за спречување и лекување на пневмонија. Целта е да се спречи воспаление на белите дробови, што е една од компликациите на коронавирусот“, се наведува на сајтот на Агенцијата.
Во соопштенито се додава дека производството на лекот веќе е во тек. За време на клиничкото тестирање меѓу 320 пациенти со средни симптоми на Ковид-19 немало смртни, ниту посериозни случаи. Во клиничките тестирања е наведено дека пациентите кои земале „Лајтрагин“ заздравувале во просек за осум дена, додека пациентите третирани со класичните методи заздравувале за 14 дена.
„Лајтрагин“ е првиот лек што има за цел да спречи и да се бори против цитокинската бура што во организмот ја предизвикува Ковид-19.