Наместо почнување на изградба на долгонајавуваниот нов Клинички центар, министерството за здравство со нова идеја. Филипче најде решение за дел од скопските клиники и ќе ги сели во друга општина. Интерните клиники од комплексот Мајка Тереза ќе бидат преселени во општина Аеродром. На местото на Мајчин дом надлежните планираат изградба на голема здравствена установа каде покрај очно, ушно, кожно и реума ќе биде сместена и Клиниката за хируршки болести Св. Наум Охридски. За ваквата одлука, министерот Филипче со објаснување дека  Интерната зграда е со најлоша инфраструктура, многу често прокиснува кровот и во опасност е доведена и инсталацијата. Иста е состојбата и со старата градска болница.

-Ако таму ги префрлиме дел од интерните клиники и старата градска болница која е во многу лоша состојба и неможе да продолжи реконструкцијата започната пред неколку години, значително ќе биде растеретен метежот на скопските клиники а ние ќе имаме доволно време да ги собереме сите неопходни работи за отпочнување на градбата на Новиот клинички центар, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Здравствените власти не откриваат откаде ќе најдат пари за нова болница и дали ќе го продаваат просторот каде сега е сместена Клиниката за хируршки болести Св. Наум Охридски. На местото кај мајчин дом има  19000 метри квадратни, што е четири пати повеќе од  квадратурата на старата градска болница.

-Засега е неизвесно дали зградата позади мене ќе биде срушена и ќе градат нова болница од темел или, пак, ќе има надградба на постојниот објект. Наредната недела ќе биде распишан тендер за основен проект со што ќе бидат познати сите детали.