Со оглед на тоа што не стивнува пандемијата на коронавирусот, научниците открија дека уште една катастрофа која игра клучна улога во зголемувањето на бројот на луѓе кои заболуваат од тешки облици на COVID-19, а тоа се пожарите. Новата студија објавена во списанието Science Advances откри дека зголемувањето на ПМ честичките од чадот од пожарите во 2020 година довело до пораст на случаи и смртен исход од COVID-19 во Калифорнија, Орегон и Вашингтон.
– Загадувањето на воздухот предизвикано од пожарите може да биде дополнителна причина за побрзо ширење на вирусот, рече Франческа Доминичи, коавторка на студијата и професорката по биостатистика, наука за население и податоци на Харвард за CNN и додаде дека „тоа е опасна комбинација“. Со оглед на тоа дека има зголемен ризик од зараза со делта сојот и шумски пожари, ова ќе биде загрижувачка состојба, рече таа.
ПМ честичките се најситни, но најопасни загадувачи. При вдишување патуваат длабоко во белите дробови и можат да влезат и во крвотокот. Тие доаѓаат до белите дробови и создаваат услови за развој на инфекции како што се вируси. Имунолошкиот систем се бори против штетните честички, но сега е присутен и вирусот од кој исто така мора да се чуваме.
– Ова е една од првите студии кои ги поврзуваат ПМ честичките кои се наоѓаат во воздухот по пожарите во САД и начинот на кој тие ја влошуваат ситуацијата со коронавирусот, рече професорката.