Членовите на Главниот координативен кризен штаб (ГККШ) на Владата за обезбедување целосна координација на органите на државната управа, на правните лица основани од државата, како и на единиците на локалната самоуправа, во врска со спречување, внесување и ширење на коронавирусот КОВИД-19 на денешниот состанок разгледаа и разговараа за одделни предлози, а со цел обезбедување и целосна грижа за колективното здравје на граѓаните.
Заземајќи одделни ставови, почитувајќи ги препораките на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, ГККШ донесе предлози, кои како одлуки ќе бидат разгледани на утрешната Владина седница.
– Членовите на Кризниот штаб разговараа за актуелната состојба со здравствената криза предизвикана од КОВИД-19, при што министерот за здравство Венко Филипче ги информираше за состојбата со слободни места во болниците во Тетово и Гостивар, додавајќи дека се подготвени системски планови за формирање дополнителни лекарски тимови во модуларни болници и останати здравствени капацитети во Скопје. Министерот Филипче изрази задоволство од текот на вакцинацијата кај населението во државата, потенцирајќи дека интересот е зголемен особено по рестриктивните мерки, кои важат од денеска, информираат од Владата.
Беше истакнато дека вакцини има доволно и се очекуваат дополнителни дози и во наредниот период.
На состанокот на Кризниот штаб на Владата се донесе заклучок да се предложи, на Владина седница да се разгледа потребата од донесување одлука, при влез и излез од Македонија за сите граѓани, да мора да се приложи сертификат за вакцинација или потврда за прележан КОВИД-19 (но не подолг период од 45 дена од заразувањето) или негативен ПЦР тест.
На денешниот состанок, се разговараше и за можноста, покрај задолжителната потврда за извршена вакцинација, за лицата над 18 години при влез во угостителски објекти на отворено, да важи и потврда за прележан КОВИД-19, за период до 45 дена од заразувањето.