Националниот младински совет на Македонија по повод Меѓународниот ден на жената – 8 март, ќе спроведе низа настани кои ќе бидат наменети за девојки и млади жени, во повеќе градови низ државата.
Станува збор за активности кои ќе се спроведат во рамки на проектот „МладиХаб – надминување на нееднаквоста помеѓу младите”, кој го спроведува Националниот младински совет на Македонија, во соработка со Мрежата Стела.
Проектот е финансиран од страна на Британската амбасада во Скопје, а неговата цел е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени да бидат поактивни во општеството, да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.
Во Скопје ќе се одржи отворен ден, каде сите заинтересирани ќе може да остварат консултативна средба со кариерен советник, кој ќе им помогне во надминување на сите дилеми околу изборот на факултет или професија, но и во целосна промена на нивната кариера. Отворениот ден ќе се одржи во просториите на МладиХаб во Скопје, од 11 до 16 часот.
Во Битола, 8 млади уметнички ќе сликаат дела на тема “Women Empowerment“, под водство на Љубица Буба Солак, една од најдобрите уметнички во Битола. Делата потоа ќе бидат претставени на изложба, по што ќе следи и коктел, вмрежување на уметниците со локалните гости, како и дискусија. Изложбата ќе се одржи во просториите на МладиХаб во Битола, од 19 до 21 часот.
Во Штип ќе се одржи отворен ден исполнет со друштвени игри за млади, меѓу кои џенга, шах, „Among us” во живо, UNO, пикадо, connect four и многу други. Ќе се одржат и натпревари во пикадо, шах и џенга, а за победниците ќе бидат обезбедени вредни награди! Настанот ќе се одржува во просториите на МладиХаб во Штип, од 11 до 16 часот.
Во Тетово, 5 талентирани млади девојки ќе сликаат уметнички дела поврзани со овој важен ден за борбата за економска, политичка и социјална рамноправност на жените. Делата ќе бидат со различни мотиви што се однесуваат на овој ден, како родова еднаквост, еднакви права на жените, насилство и злоупотреба врз жените, репродуктивни права и слично. Сликањето ќе се одвива во Паркот на Шарената Џамија во Тетово, во 11:00 часот.