Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес на состанок со градоначалниците го најави повикот за аплицирање за грант за креирање на дополнителни места во предучилишните установи преку адаптации на постојни објекти.
Јавниот повик го имплементира Министерството за труд и социјална политика преку Проектот за подобрување на социјалните услуги и финансиската поддршка од Меѓународната банка за обнова и развој. Повикот е во рамки на компонента 2 од проектот – “Проширување на пристапот и подобрување на квалитетот на предучилишните услуги” каде се финансираат проекти за креирање на дополнителни капацитети во предучилишните установи преку адаптации на постојни објекти.
„Ги охрабрувам сите општини кои се во рурални средини да аплицираат, на тој начин ќе ги опфатиме најзагрозените деца кои живеат далеку од градинка. Детската заштита останува да биде наш приоритет. Затоа иницираме соработки со локалните самоуправи кои ќе придонесат кон еднакви можности за сите деца“, рече Тренчевска.
Јавниот повик ќе биде отворен до 01.04.2024 година.