Дијабетот е еден од најчестите здравствени проблеми кој навистина опфаќа огромен број од популацијата ширум светот. Тој особено негативно влијае на физичкото здравје, но голем број истражувања покажуваат дека дијабетот е штетен и по здравјето на мозокот, а со тоа и врз нашето ментално здравје. Токму затоа, денес ќе зборуваме за ефектот кој го има покачениот шеќер врз нашето расположение.
Што претставува дијабетот и зошто е толку опасен и штетен?
На глобално ниво, се проценува дека секој единаесетти човек страда од дијабет, односно над 400 милиони луѓе. Дополнително загрижувачки е што ваквата енормна бројка е во постепен, благ раст. Инаку, дијабетот претставува состојба кога телото неправилно ја искористува и се справува со глукозата која е присутна во крвта. Ова најчесто е поради недоволно количество или поради не ефективност на хормонот – инсулин. Тој е одговорен за правилно регулирање и искористување на глукозата од крвта. Со негова помош таа успешно навлегува во клетките каде се искористува како извор на енергија.
Постојат повеќе типови на дијабет – тип 1, тип 2, преддијабетна состојба, како и гестационален дијабет. Ризик факторите се бројни, но најчестите се: генетски, прекумерна телесна тежина, возраста, слаба физичка активност, останати здравствени состојби (хипертензија, покачен холестерол, покачени триглицериди), бременост и сл.
Покрај лекарствата кои може да помогнат при третирање на било кој тип на дијабетна состојба, промени во животните навики исто така може да имаат исклучително позитивен ефект. Регулирање на телесната тежина, поредовна физичка активност, добра хигиена на спиење, избегнување и контролирање на стресот и секако здрава исхрана се дел од најчестите препораки за подобро справување, па дури и превенција на дијабетот.
Доколку дијабетот веќе се јавил, посветување внимание на исхраната е еден од првите чекори кои го превземаат луѓето. За намирниците и ужинките кои се пожелни и безбедни за дијабетичарите веќе имаме пишувано во претходни статии и за нив може да прочитате тука, додека намирниците кои треба да се избегнуваат може да ги најдете тука.
Што претставува дијабетот тип 2?
Дијабетот тип 2 претставува состојба каде телото неправилно и отежнато се справува со шеќерот во крвта. Тоа претставува хронична состојба и резултира со покачено ниво на шеќер во крвта. Ваквиот проблем се смета дека се јавува главно поради 2 причини. Прво, панкреасот не произведува доволно инсулин, а како втора причина се смета намалената сензитивност, односно влошениот и ослабнат одговор на клетките кон инсулинот. Ова доведува до неефективно дејство на инсулинот со што клетките внесуваат помалку шеќер во себе од потребното.
Дијабетот тип 2 се асоцира со повозрасната популација, но нажалост, денешниот начин на исхрана и сè почестата застапеност на прекумерната телесна тежина кај популацијата, доведува до појава на овој тип на дијабет и кај помладата популација.
За дијабетот тип 2 не постои конкретен лек, но се смета дека регулирањето на телесната тежина, здравата и балансирана исхрана и редовната физичка активност може да помогнат болеста да се одржува под контрола.
Како дијабетот може да влијае на нашето расположение?
Иако навидум делува за состојба која се одразува исклучиво преку физичкото здравје, дијабетот е доста покомплексен здравствен проблем кој значително влијае и на менталното здравје и расположение. Првиот и очигледен проблем кој се јавува поради дијабетот е променливото и нестабилно ниво на енергија. Ова може да доведе и до нестабилност и променливост во расположението, да предизвика надразливост, иритираност, нервоза, анксиозност, нетрпеливост и сл. Во овој поглед, голем број истражувања покажуваат дека дијабетичарите може да имаат потешкотии во одржувањето на константно и стабилно расположение, а тоа може впрочем негативно да се одрази врз нивниот однос со луѓето околу нив.
Дополнително, самата здравствена состојба – дијабетот, може да биде извор на еден вид „психичко оптеретување“, стрес и анксиозност кај пациентите. Голем број луѓе носат одреден „товар“, знаејќи дека живеат со дијабет и дека нивното здравје е загрозено. Секојдневното внимавање на консумираната храна, мерењето на шеќерот, внимавање на симптомите – може да предизвика константен, хроничен стрес, кој пак негативно ќе се одрази и врз расположението. Некои истражувањата покажуваат дека околу 25% од луѓето со дијабет тип 1 и околу 15% од луѓето со дијабет тип 2, чувствуваат ваков притисок, стрес и анксиозност. Исто така, одредени глобални статистики покажуваат дека дури 25% од лицата со дијабет имаат некаков степен на депресија. Се смета дека хипергликемијата (покачениот крвен шеќер) се манифестира преку чувство на нервоза, тага и вознемиреност, додека хипогликемијата (низок крвен шеќер) се препознава преку надразливост, глад и иритираност.
Интересно е што дијабетичарите не се единствените кои се подложни на ваквите нагли промени во расположението како резултат на силните варијации во нивото на шеќер во крвта. Дури и навидум здрави индивидуи кои често консумираат храна богата со рафинирани (прости) шеќери може да имаат вакви промени во нивото на енергија. Ова доведува до брз скок, т.н „пик“ во нивото на шеќер во крвта кое се препознава преку зголемена енергија, за потоа да има и силно производство на инсулин, кој пак нагло ќе го симне нивото на шеќер и ќе резултира со чувство на замор, безенергичност и надразливост.
Како можеме да си помогнеме?
Препознавање на раните симптоми може да значи и порана дијагноза, а со тоа и навремен третман и лекување. Како и со останатите проблеми кои се јавуваат како резултат на дијабетот, најдоброто решение најверојатно лежи во навремените, превентивни чекори. Во овој поглед, подразбираме внимавање и регулирање на исхраната, редовност во физичката активност, менаџирање на стресот, воведување на здрави и редовни навики за спиење и сл. Сето ова, може навистина позитивно да влијае, па дури и целосно да ја промени здравствената слика кај лицата со дијабет. Доколку не се третира, дијабетот може да доведе до сериозни проблеми како: срцеви заболувања, мозочен удар, оштетување на нервите, оштетување на бубрезите, нарушен вид, па дури и смрт.
Д-р Митов