Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска се сретна со Амбасадорката на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија Н.Е Петра Дрекслер.
На средбата беше истакната големата поддршка која што Германија и ја дава на земјава децении наназад , како и вложувањето преку разни проекти кои имаат за цел подобрување на стандардот на граѓаните на Македонија. Политиките за вработување, младинските политики, родовата еднаквост и демографијата беа главните точки на разговор на денешната средба.
Соговорниците зборуваа и за Регионална канцеларија за младинска соработка (RYCO) која е независен функционален институционален механизам, основан од земјите од Западен Балкан Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, со цел да го промовира духот на помирување и соработка меѓу младите во регионот преку програми за младинска размена. Притоа, се осврнаа на тоа дека следната година, Македонија е земја претседавач на оваа организација.
Министерот Лимани посочи дека Владата и Министерството посветено работат на вклучување на младите во креирањето на политиките и обезбедување на можности за нивни образовен и професионален развој во својата земја , како и враќање на довербата во системот и нивно убедување да се вратат дома и тука да ги развиваат своите потенцијали.
На состанокот беше истакнато дека Германија е партнер и поддржувач на Северна Македонија на патот кон полноправно членство во ЕУ, преку поддршка во реформите и самиот процес.
Притоа, беше посочено дека Берлинскиот процес како меѓувладина иницијатива за соработка во насока на забрзување на евроинтегративниот процес е јасен показател за поддршката која ја добиваме од Германија.