И службите на Министерството за труд и социјална политика го следат случајот во Прилепско каде на 16 јануари починаа бебиња од само неколку недели, по што ќе има информација за јавноста. Ова од Тетово го најави министерот Фатмир Лимани кој беше на свеченост по повод почеток со работа на нова градинка. Тој одговорајќи на новинарско прашање рече дека се работи и на превентивни мерки.

-Имаме инспекторати во склоп на Министерството. Ангажирани се, во моментот кога ќе достават информации ќе излеземе со информации и податоци. Има превентива, но многу значи од Центрите за социјална работа што се во Прилеп, Кичево. Контролираат, во склоп на центрите имаме и инспекторати и инспектори кои треба да ја следат таа работа. И ние чекаме од нив информација да ни дадат во врска со тој случај и после да излеземе со една поконкретна и подетална информација, изјави Фатмир Лимани.

На 20 јануари МИА информираше дека вработени на Центарот за социјални работи Прилеп го посетила семејниот дом на младите родители во Славеј за да видат во какви услови е домаќинството каде сега се другите три деца на младата брачна двојка. Вонреден инспекциски надзор имаше направено и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Бебињата, машко и женско се родиле на 30 декември во прилепската болница како недоносени, а на 10 јануари мајката, на своја одговорност, заминала со бебињата.

Јавниот обвинител при прилепското основно јавно обвинителство информираше дека побарал документација од болницата и од службата на Итната помош која интервенирала во семејниот дом во прилепското село Славеј од каде било пријавено дека бебињата се во тешка здравствена состојба и била побарана лекарска помош.