Трошна куќа, влага и мувла по ѕидовите, искршени кревети и едно ѓезве за готвење. Ова е сликата која ја дочекавме во домот на семејството Китановски. Насмеани детски лица со љубопитен поглед и нè пречекаа во малата куќа лоцирана во Припор, чии покрив прокапува секогаш кога ќе заврне дожд.
Мајката Васка побарала помош од државата, откако нејзиниот сопруг починал, па со своите седум деца останала во куќата, во сопственост на нејзиниот свекор, кој сега, тврди таа, ја брка од дома.
Васка се обратила до градоначаникот, но и до министерската за труд и социјална политика Мила Царовска, која ветила дека ќе ги посети, но досега не дошла, а засега нема одговор на барањата упатени до министерството и до општината.
Јована, Дамјан и Петар, најмалите членови на семејството, имаа големи желби, а најголемата им е да имаат комјутер.
Петар има епилепсија, но веќе четири години не пие лекови, поради тоа што, неговата мајка нема пари да му купи.
Васка се надева дека нејзиниот полнолетен син ќе ја добие работата за која веќе аплицирал, па ќе успее да го извлече семејството од беда. Во меѓувреме, бара помош од државата, бидејќи вели, политичарите на нив, и на оние кои се наоѓаат во слична ситуација, се сеќаваат само пред избори.
(Сторијата ја снимаше Телевизија Алфа)