Седум економски директори на болници од ДУИ, за кои партијата инсистира да останат на своите работни места, ја кочат идејата за укинување на менаџерите како втори директори во здравствените установи и носењето на измените на Законот за здравствена заштита од кои зависат и други реформи на здравствениот систем што планира да ги спроведе актуелната власт. Инаку, во праксата се покажа дека економските директори не ја остваруваат основната функција заради која беа донесени, а тоа е да се направат заштеди во болниците и тие да работат рентабилно. Наместо заштеди, болниците тонат во долгови, а нивното укинување го најави поранешниот министер за здравство Арбен Таравари.
Здравстен дом „Скопје“, Институтот за трансфузиона медицина, Институт за белодробни заболувања кај децата, Институт на медицина на трудот, хируршката болница „Св. Наум Охридски“, Клиника за ревматологија и Клиника за детски болести се здравствените установи во кои се уште има економски директори, кадри на ДУИ. Економски директори има и во уште 8 други болници, но тие се останати од времето на ВМРО-ДПМНЕ и поради договорите за работа кои им се важечки, уште две години не може да им биде прекинат работниот однос. За тоа да се случи мора да се промени Законот за здравствена заштита, односно економските или организациски директори да се укинат како категорија и со болниците да раководи само еден директор, како што беше порано.
Според неофицијалните информации од министерството за здравство, иако министерот Венко Филипче имал категоричен став дека економските директори треба да се укинат затоа што не ги оствариле целите заради кои биле воведени, сепак ДУИ не го дозволува тоа и инсистира тие да останат.
– Ние рековме дека ќе ги укинеме економските директори, но во некои установи се наметна потреба од втор директор заради специфичностите и бројот на вработени – вели Филипче во својата изјава дадена пред некој ден.
Кои се болниците каде се потребни економски директори од МЗ не кажуваат, ниту пак објаснуваат кој ќе биде критериумот по кој ќе се одредува која болница треба да има економски директор, а која нема потреба од ваков кадар.
Неофицијално, пак, се објаснува дека се прават напори на партиско ниво да се најде решение за овој проблем, бидејќи го кочи целиот Закон за здравствена заштита со кој се предвидуваат и други реформи.
Инаку економските директори беа воведени пред 12 години, но во пракса се сведоа на место за здомување на партиски кадри со плати од 1.000 до 1.500 евра. За некои од овие директори во јавноста се шпекулираше и дека прибираат „рекет“ од компаниите кои дистрибуираат лекови, медицински материјали и опрема по болниците.