Се зголемува будноста за следење на африканската свинска чума откако вчера се отвори уште едно жариште во Србија, кај Пирот, а пред една недела болеста беше потврдена и во уште четири реони на Бугарија.
Директорот на АХВ информира дека од август 2019 година досега, отстрелани се околу 1.000 диви свињи, но кај ниту една не е детектиран вирусот на африканска чума. Во ловиштата без концесионери, појасни, се издаваат дозволи за отстрел. Потсети и дека за африканската свинска чума нема вакцина, поради што превентивните мерки се многу битни.
Африканска чума кај свињите е вирусно заболување кај домашните и дивите свињи кај сите старосни категории кое предизвикува големи економски загуби.
Вирусот се излачува преку крв, ткива, секрети и екскрети од болни или угинати животни. Болеста се пренесува и шири со: директен контакт помеѓу здраво и болно животно, трупови од угинати животни и луѓе, индиректно се пренесува преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека, биолошки пренос од векторот- мек крлеж од родот Ornithodoros.
Главните видови на животни кои се приемчиви на вирусот на африканска чума кај свињите се: домашните свињи, Европската дива свиња, Американски диви свињи, Африкански диви свињ и крлежите од родот Ornitodos spp. Периодот на инкубација трае од 4 до 19 дена.
Македонија е безбедна, но и натаму трае опасноста од зараза од африканска свинска чума, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Иако во соседството се појавиле нови случаи на африканска свинска чума, директорот на АХВ уверува дека Македонија нема регистриран случај со оваа болест.
Но, и натаму трае забраната за увоз од Србија и Бугарија, а апелираат да се почитуваат безбедносните мерки во одгледувалиштата и граѓаните да не внесуваат храна од животинско потекло при влез во земјава бидејки така најлесно се пренесува болеста.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, оствари средба со претседателот на Ветеринарната комората на Република Македонија, Томислав Николовски, на која се дискутираше за активностите кои треба да се реализираат од страна на ветеринарните друштва оваа година.
На средбата акцент се стави на воведување на новата активност од страна на АХВ: посета на докторите на ветеринарна медицина на одгледувалиштата со животни за утврдување на нивниот здравствен статус.