Многу често ни се случува наутро да се разбудиме уште поуморни иако сме спиеле со часови. Понекогаш, пак знаеме да се пожалиме дека тешко заспиваме навечер иако сме преморени и имаме огромна потреба од сон. Експертите за спиење ги препорачуваат следниве совети кои помагаат за побрзо заспивање и вистински квалитетен сон:
– Задржете ја регуларноста во спиењето. Иако немаме секогаш можност да спиеме по 8 часа, најмалку што можеме да направиме е да ја задржиме регуларноста во спиењето. Регуларното спиење подразбира легнување и станување во приближно исто време секоја ноќ, без разлика дали е работен ден или викенд.
– Обезбедете ја потребната темнина. Темнината во вечерните часови овозможува лачењето на хормонот мелатонин, кој помага во здравиот тек на нашиот сон. Советот е да се намали половина од светлото во домот еден час пред спиење, а тоа значи да се одалечите од екраните, особено LED-екраните кои емитираат сина светлина што го сопира лачењето на мелатонин. Таа “сина светлина“ го мами мозокот да мисли дека надвор е ден иако е ноќ и сакате да спиете.
– Прилагодете ја температурата. Многумина од нас имаат спална соба која е потопла од оптималната температура која треба да е околу 18,5 степени Целзиусови. Причината е дека на мозокот и телото му е потребна пониска температура на јадрото за околу два до три степени за да започне добриот сон.
– Алкохол и кофеин? Постои заблуда дека алкохолот ни помага побрзо да заспиеме, но всушност алкохолот припаѓа на класата лекови кои ги нарекуваме “седативи“ и со консумирање на алкохол го принудуваме нашиот мозок да потоне во сон, а не на природен начин. Кофеинот е познат по тоа дека може да не задржи будни, но само малкумина знаат дека после дозата кофеин во нашиот систем, спиењето не е толку длабоко во споредба со спиење без претходно консумирање на кофеински пијалак.
– Немојте да останете будни во креветот. Ако не успеете да заспиете 20-тина минути или сте се разбудиле во текот на ноќта, па тешко ви е повторно да заспиете, немојте да останете во креветот. Станете и одете во друга просторија при слаба светлина и немојте да бидете во контакт со екрани или храна. Можете да читате книга. Причината за тоа е што мозокот многу брзо почнува да ја учи поврзаноста меѓу креветот како место на кое сте будни, а не како вообичаено место на кое спиете.
– Медитирајте. Медитацијата се покажала како успешна во клиничките испитувања да им помогне на луѓето само да го релаксираат телото, да ја смират борбената гранка на нервниот систем што може да се случи кога ќе се разбудиме во текот на ноќта. Тоа ќе ви помогне повторно да заспиете.