Постоечки простор од 750 м2 на Клиниката за токсикологија ќе биде реновиран и трансформиран во Ургентен интернистички тријажен центар, со донација од „Алкалоид“ и „Комерцијална банка“, најави министерот за здравство Фатмир Меџити.

Износот на донацијата од „Алкалоид“ изнесува 233.673 евра, додека „Комерцијална банка“ донира 235.000 евра, или вкупно 468.673 евра. Потписници на договорот за донацијата со кои министерот потпишуваше беа Владо Индов, директор во „Алкалоид“ и Маја Стевкова-Штериева, финансова директорка во „Комерцијална банка“.

„Тука, пациентите од нивниот прием би престојувале 24 до 48 часа по што, доколку е потребно, би се упатиле во болничките оддели на некоја од интерните клиники или би биле пуштени дома. Следејќи ги современите стандарди за врвни и квалитетни здравствени услуги, ќе се изврши реконструкција на простор од околу 750 метри квадратни. Во склоп на просторот ќе има и посебна просторија за опсервација на пациенти – интензивна нега, како и полуинтензивна нега. Во просториите на интернистичкиот ургентен центар ќе бидат сместени и компјутерски томограф, рентген, ЕХО апарат, ендоскопија“, нагласи министерот.

Министерот се заблагодари на компаниите за придонесот кон унапредување на здравствениот систем и квалитетот на услуги за нашите пациенти.

Очекувањата се Ургентниот тријажен центар да биде готов за неколку месеци.