Американски научници работат на вакцина која содржи антитела способни да се изборат со новиот Ковид-19, вели една студија, пишува Индепендент. Вакцината која се тестира на глувци од страна на тим научници на Универзитетот за медицина Питсбург, создава доволно антитела за да го неутрализира коронавирусот две недели по нејзиното инјектирање. Научниците се подготвени да побараат дозвола за новиот лек од Американската агенција за храна и лекови, пред да започнат со хуманите тестирања.
Во светот, научниците се во трка со времето да развијат вакцина која ќе штити од опасниот коронавирус кој зарази повеќе од милион луѓе на планетата, а одзема 50 000 животи.
Научниците успеале да напредуваат брзо бидејќи го имале веќе потребното искуство од претходната епидемија на коронавирусот САРС во 2003 година и МЕРС во 2014 година.
-Овие два вируси, кои се слични на Ковид-19, не учат дека протеинот наречен СПАЈК-протеин, е важен во развивањето на имунитет против коронавирусот. Ние знаеме точно како да се бориме со овој нов вирус, вели Андреа Гамбото, професор по хирургија на Униврзитетот по медицина Питсбург.
За да ја зголемат ефикасноста на протеинот, научниците користат нов пристап во однос на аплицирањето на вакцината. Тоа значи дека таа ќе изгледа како фластер со големина на еден напрсток кој во себе има 400 мали микроигли кои го инјектираат спајк протеинот во кожата, а се направени целосно од шеќер и на тој начин протеинот потполно се раствора во кожата.
Еднаш кога ќе се произведе, вакцината наречена PittCoVacc, може да се чува на собна температура додека не се употреби, велат научниците. Кога истата беше тестирана на глувци, PittCoVacc, создаде доволно антитела во рок од две недели по нејзиното аплицирање. Микроиглите на вакцината ја имаа истата ефикасност дури и кога беа стерилизирани со гама радијација.
Научниците посочуваат дека тестирањето на пациенти ќе бара време од најмалку една година, можеби и повеќе. Но, како што велат, оваа ситуација е сосема поинаква од било што сме виделе досега, па затоа не знаат колку долго клиничките истражувања ќе потраат. Но веруваат дека можат овој процес да го забрзаат.