Генералниот секретар на Владата лаже за неговите образовни квалификации. Немал два доктората како што навел во неговата биографија, обвинува универзитетскиот професор и член на Левица, Димитар Апасиев.
Во објава на фејсбук, Апасиев тврди дека во моментот на избор на функцијата Рашковски немал ниту објавена одлука за прифатена тема за докторска дисертација, па бара оставка од морални причини или негово разрешување.
- Според Правилникот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за трет циклус студии, во најдобар случај, меѓу објавениот наслов на дисертација и јавната одбрана на истата поминува една до две години. Но, нашиот ГенСек уште лани побрзал да се пофали со наводна втора научна титула „доктор на науки“, иако никогаш – ни до денешен ден – го нема одбрането докторатот, ниту пак има добиено позитивна рецензија за истиот, пишува Апасиев.
За Рашковски ваквите обвинувања од Апасиев биле само приватна работа, а во изјава за Фокус вели дека темата за докторатот била помината.
Десната рака на премиерот Зоран Заев според Апасиев на 5-ти јуни лани кога и стапи на функцијата генерален секретар на Владата си го допишал CV-то иако немало никаква одлука за негов докторат.
Таквото збогатено CV и денеска стои јавно објавено на сајтот на Влада. Дека во моментот на стапување на висока државна позиција немал два доктората говори и билтенот на УКИМ од 30-ти јуни, според кој се гледа Рашковски во моментот на избор на функцијата немал ниту објавена одлука за прифатена тема за докторска дисертација, што е иницијална фаза за докторирање – а камоли „одбранет докторат“?!, пишува меѓу другото членот на президиумот на Левица.