Општинската организација на Црвен крст Делчево ќе организира бесплатни гинеколошки прегледи за жените од населените места во општина Македонска Каменица. Во оваа општина како што најавија од Црвен крст од 20.03.2023 година започнува со работа мобилната гинеколошка амбуланта која ќе биде сместена во паркот кај Дом на културата во Македонска Каменица.
– Во оваа мобилна амбуланта ќе се нудат бесплатни гинеколошки прегледи за жените од населените места во општината, со цел превенција од рак на грлото на матката. За бесплатен ПАП тест заинтересираните жени можат да се пријават на телефонските броеви +389 33 412 010 и +389 70 254 650, а термините за преглед се секој работен ден со почеток од 10 часот, информираа од Црвен крст Делчево.
Со работата на мобилната амбуланта очекуваат да се зголеми бројот на жени од ранливите групи и од руралните и оддалечените места кои ќе направат бесплатни гинеколошки прегледи.
– Контролите ги вршат гинеколози од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и повеќе болници во државата. Прегледите се најдобра заштита од рак на грлото на матката и затоа целта е да се подигне свеста за важноста од редовни скрининзи, додадоа од Општинската организација на Црвен крст која делува и на подрачјето на Општина М.Каменица.
Работата на мобилните амбуланти е овозможена со поддршка на Министерството за здравство, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетичари – МАГО, Македонското лекарско друштво, Црвениот крст и УНФПА – Фондот за население на Обединетите нации.