Во Македонија денеска е прогласена жолта и портокалова алертна фаза за топлотен бран. По оваа најава, Владата излезе и со мерки за превенција од топлотни бранови, па така најранливите групи, како бремени жени и лица над 60 години се ослободуваат од работните обврски.
Во градинките исто така се препорачува да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено од 11:00 до 17:00 часот, а работодавците треба да ги почитуваат законските прописи за заштита на работниците од ризични производни и технолошки процеси.
Но, поради пролетниот распуст и слободните денови за време на изборите, учениците од основните училишта се уште се во своите клупи. И додека температурите одат до 40 степени, децата престојуваат во училници во кои нема ладење па практично се „варат“.
Родители, но и наставници, реагираат на социјалните мрежи барајќи или да им се скратат часовите, или да заврши учебната година поради немање на услови за работа.