До Сојузот на средношколци деновиве пристигнале поплаки од ученици во повеќе градови за праксата да се плаќа за свидетелството. Цената варира од 50 до 100 денари во некои училишта, тврдат од Сојузот. Ова според нив, е скандалозно и проблематично, бидејќи како што велат, барањето пари од учениците го загрозува јавниот и бесплатниот карактер на државното образование.

„Тетовските гимназии „7 Март“ и „Кирил Пејчиновиќ“, економското средно училиште „8 Септември“, како и средните стручни училишта „Моша Пијаде“ и „Гоце Стојчевски“ наплаќаат 50 денари од своите ученици за издавање на свидетелства. Овој износ учениците мораат да го платат во текот на јуни. Средното медицинско училиште во Тетово наплаќа дури 100 денари за издавање на свидетелство. Покрај тетовските средни училишта, Сојузот доби слични информации за средни училишта во Скопје и Куманово. Училиштето „Зеф Љуш Марку“ исто така бара 50-100 денари од своите ученици, додека кумановската гимназија „Гоце Делчев“ има долго воспоставена пракса. Секоја учебна година од учениците биле барани 50 денари такса за свидетелство. Класните раководители воделе евиденција за тоа кој платил, а кој не. Доколку ученикот не ја плати таксата во јуни, тој не добива свидетелство. Ако сака воопшто да добие, треба во септември да плати и свиделството веднаш го добива“, појаснуваат од Сојузот.

Оттаму истакнуваат дека овие трошоци не се спомнати во Законот за средно образование, но од друга страна, средното образование како и свидетелствата се задолжителни. Од Сојузот велат дека за ваквата пракса ќе го известат Просветниот инспекторат.

„Категорично веруваме дека државното образование мора да остане јавно и бесплатно, а не институциите да наплаќаат такси, за чиешто плаќање учениците не одлучуваат. Сојузот веќе истражува дали слични такси се бараат и во останатите градови и средни училишта во Северна Македонија“, стои во нивната реакција. 

Тие сметаат дека трошоците за печатење на свидетелствата треба да бидат покриени од страна на образовните власти, а праксата учениците да плаќаат мора да престане.

„Иако износите од 50 или 100 денари некому му делуваат незначително или смешно, не смее да се заборави дека во државното образование учествуваат ученици со различни финансиски состојби. За некој, 50 денари навистина не се малку. А кога ќе се земе предвид дека се наоѓаме во тешка економска, но и општа криза, срамно е учениците да бидат приморани да плаќаат за да добијат свидетелства“, велат од Сојузот на средношколци.