Во Казнено поправната установа „Куманово“, затворот К’шање, денеска беа промовирани детско катче, наменето за децата на осудениците и пекарската фурна за потребите на кујната во установата.

Вредноста на проектот е 17 илјади евра, а реализиран е со поддршка на Европската Унија и Советот на Европа во соработка со локални партнери. На настанот присуствуваа делегација на ЕУ во Македонија и претставници од Управата за извршување на санкции.

„Денеска ние гледаме подобрени услови за осудениците и нивните посетители, семејствата. Го отвораме детското катче кое е навистина убаво, разнобојно изработено од локални уметници и опремено со играчки. Во делот на пекарството, со новата фурна, која не само што ќе помогне да секогаш затворот има свежи производи, туку и ќе помогне од економска гледна точка, затоа што на институцијата ќе и овозможи заштеда со самостојно производство“, истакна Штефан Худилинг, шеф на делегацијата на ЕУ во Македонија.

Ова е дел од поширока рамка на поддршка од ЕУ и Советот на Европа како во зајакнување на казнениот систем во Северна Македонија каде се работи на капацитетните можности, но и на целокупните услови во кои се третираат затворениците. Со ваквите проекти се остварува блиска соработка со институциите, но и раководството за да продолжи поддршката, не само материјална туку и системска на патот на на државата во патот на интеграциите кон ЕУ.

„Ова е третто детско катче во казнено-поправните установи, првото е отворено во Штип во 2018 година,а второто во Прилеп во 2021 година. Пекарската фурна не е само економски значајна,туку има влијание и за реинтеграцијата на осудениците во општеството, кога ќе бидат ослободени по отслужувањето на казната. Уште една наша помош во рамки на хоризонталниот инструмент е здравствената заштита во затворите и во претходниот период имаше значителна финасиска поддршка на медицинска опрема во шест затвори. Исто така преку ЕУ и Советот на Еворпа е опремата донирана на тренинг центарот во рамки на затворот Идризово“, потсети Тања Ракошиќ-Хаџиќ, шеф на одделението за соработка во полицијата и лишување од слобода при Директоратот за човекови права.

Директорот на управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ, напомна дека иницијативноста, желбата и настојувањето на директорите кои имаат ентузијазам да работат во овие установи и во тешки услови овозможуваат да децата не бидат стигматизирани кога доаѓаат во затворските установи, туку да се чувствуваат пријатно.Тој вети дека и понатаму ќе настојуваат во воведување на европски практики, и на тоа сите препораки да се имплементираат до крај, иако не се едноставни и лесни.

Муралот со ликови од цртани филмови во детското катче на одделението за посети во затворот во К’шање го изработиле Уметници од Здружението Форма од Куманово.

Во казнено-поправниот дом К’шање има капацитет за 200 затвореници, моментално во него казна затвор издржуваат 140 лица.