Утринава доктор Андон Чибишев од ВМРО-ДПМНЕ беше гостин во македонскиот радио етер каде зборуваше за неефикасните мерки на власта уште од самиот почеток на пандемијата со Ковид-19. Тој посочи дека се соочуваме со една смешна ситуација за која бевме убедувани дека се е во ред, за на крајот да испадне дека КОВАКС системот не функционира и ние нема да добиеме од таму вакцини.
– Секако дека вакцината е еден вид на средство кое што може да ја стави под контрола пандемијата. Затоа што знаеме во минатото имало тешки болести со кои што се соочувало човештвото меѓутоа искоренети се баш благодарение на вакцинација. Е, сега кога се работи за вакцинација од КОВИД-19 вирусот во Македонија, тука имаме крајно специфична ситуација. Да, не кажам смешна ситуација. Затоа што ние бевме убедувани дека се е во ред , дека нашите надлежни власти преговараат, направиле некаков договор за 500.000 дози, 800.000 дози па преку КОВАКС системот па после тоа испадна дека практички КОВАКС системот не функционира ние нема да добиеме од таму вакцини. Па имаше изјава дури и на претседателот на државата и на министерот за здравство дека ние сме биле мал пазар и затоа сме биле игнорирани од големите фармацевски компании“, истакна Чибишев.
Чибишев додаде дека потоа македонските граѓани од власта добија некакво ветување дека од своите резерви нашите пријателски држави од ЕУ како што се Грција, Полска, Австрија и други ќе дале вакцини на Македонија. И тоа пропадна, па после тоа Бугарија вети дека исто така ќе отстапи од своите резерви за да и даде на Македонија вакцини. Па потоа, многу пластично бугарскиот министер за здравство кажа дека тоа ќе го стори откако ќе го имунизираат нивното население.
Потоа Србија вети дека ќе даде 8.000 дози, па српската премиерка излезе по ден – два за да каже дека Македонија не може да ги добие вакцините бидејќи вакцината на компанијата „Фајзер“ не е регистрирана во нашата земја. И така Македонија се уште ги нема добиено првите дози на вакцини против КОВИД-19.
– Плус, што е уште потрагично и врв на неорганизираноста, неспособноста и несериозноста е дека немаме ниту план за вакцинација. И сега утрово читам по медиумите дека ние сме заинтересирани за кинеската вакцина“, додаде Чибишев.
Чибишев посочи дека ќе биде многу комплицирано ако се изврши операција попис без претходно колективна имунизација на населението. А, тоа ќе претставува крајно штетно и опасно по здравјето на граѓаните.