Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев смета дека одлуката за одредување на датум за одржување на парламентарни избори треба да биде во директна поврзаност со здравјето на граѓаните.
Тој во интервју за телевизија Тв21 истакна дека многу е важно дека за изборите да бидат кредибилни, фер и демократски на денот на избори да има и меѓународен мониторинг за што првично треба да се отворат границите.
– Во моментов, најважно е здравјето на граѓаните. Секое одредување на датум за парламентарните избори мора да има корелација и директна поврзаност со заштитата и здравјето на граѓаните. И уште еден битен момент кој треба да се запази е тоа што треба да има адекватен и доволно репрезентативен меѓународен мониторинг. Нам, како Министерство за внатрешни работи, најрелевантен партнер во органазирањето на изборите ни е ОДИХР-ОБСЕ и заради тоа мора да има доволно меѓународни посматрачи. А за да има меѓународни посматрачи мора да се отворат границите, рече Чулев.
Јас, како министер за внатрешни работи, додаде Чулев, инсистирам да има соодветен меѓународен и внатрешен мониторинг за да имаме кредибилни, демократски и фер избори
Тој посочи дека треба да се остранат и сите пречки во идентификацијата на граѓаните при гласањето и во утврдувањето на изборните нерегуларности.
– Исто така, мора да се остранат сите оние пречки во идентификацијата на граѓаните при гласањето и во утврдувањето на изборните нерегуларности. Нас, сериозна пречка може да ни претставува покривањето на лицето на одредени нарушители на изборниот процес, во смисла на нивно идентификување, констатира министерот Чулев.