За две недели откако на први јули беше пронајдено женско новороденче пред Домот за донечиња и мали деца во Битола, случајот од денеска добива кривично – правна разрешница.

На органите на прогонот не им беше тешко да утврдат кои се родителите, бидејќи имаше препознатливи докази со папочната штипка и родилната белегзија на новороденчето, за набрзо потоа да се утврди дека станува збор за малолетна мајка од с. Желино тетовско и дваесет и шестгодишен татко од с. Долна Лешница, кои што три години живееле во вонбрачна заедница во која веќе имале едно дете. Тие заработија кривични пријави, таткото на новорденчето поради вонбрачна заедница со малолетна особа може да заработи затвор од три месеци до три години, а затворска казна му се заканува и на таткото на малолетната мајка од Желино, поради допуштање таа да живее вонбрачно.

Сепак, малолетната мајка може да помине најлошо со затворска казна до пет години.

Веќе десеттина дена во јавноста се води дебата за заштита на малолетната мајка меѓу активистки на невладини организации, а правобранителот отвори предмет за овој случај и се залага институциите да помогнат, девојчето да заврши кај родителите. Во меѓу време, тоа во Битола добро напредува.