Д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија детално ја објасни целата ситуација со вакцинацијата против ДиТеПер. Преку објава на социјалните мрежи, Беќаровски објави дека најчесто бил прашуван од граѓаните што значи да се примени сите три дози на ДТП вакцини во последните шест месеци.

Според него, наједноставен пример е првата доза ако е примена во септември 2023 година, втора доза во ноември 2023 и трета доза во јануари 2024.

-Од утре ќе може да го однесете детето во градинка, бидејќи ќе има привремен солиден имунитет, но ќе мора во јули да прими ревакцина.

Сите кои ги примиле првите три дози пред октомври 2023 ќе мора да примат ревакцина, за да обезбедат солиден имунитет и не може без ревакцината да одат во градинките.

Сите кои ги немаат примено трите дози, ќе мора да ги примат трите дози во растојание од 2 месеци, за да може да тргнат во градинка, објаснува докторот.

Децата кои имаат примено три дози од вакцината ДиТеПер за голема кашлица можат да посетуваат градинка. Сепак постои услов – четвртата доза од вакцината ќе мора да ја примат најрано после шест месеци. Состојбата е алармантна, над 170 заразени со пертусис има во Скопје, над 200 во државата, од Комисијата за заразни болести предупредија дека за кратко време може да излезат со построги мерки. Дополнително ќе се преземаат мерки и за зголемување опфат со МРП.

-Ќе апелираме до градинките проверката на картоните да биде поинтензивно и да биде вклучена и проверката на вакцината против морбили. Имаме шанса да го изгаснеме овој пожар, пред да почне, а тука сме на прагот на почнување на друг пожар, посочи претседателот на КЗБ, д-р Александар Петличковски.

Според КЗБ, секое едно дете кое доаѓа да ја прими ревакцината на ДТП на 18 месеци, може да ја прими и вакцината против морбили. Не постои никаков проблем да се примат и двете вакцини во истиот ден.

Од јануари, Комисијата за имунизација побарала од вакциналните пунктови на неимунизираните деца да им даваат по две вакцини одеднаш.